Митко Маџунков
Митко Маџунков (Струмица, 19.03.1943), раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист. Гимназија има завршено во Струмица, а Филолошки факултет (светска книжевност со теорија на книжевноста) во Белград. Работниот век го поминал главно во Библиотеката на град Белград, каде што е и пензиониран, како библиотекар-советник. Првите книги му се објавени првобитно на српски. Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: Исидора Секулиќ (1974 за Убиј го зборливото куче), Рациново признание (за Меѓата на светот), Војдан Чернодрински (за Големиот Смок и за Сенката), роман на годината на Детска радост (за Домот на Александар), книга на годината на Македонската книжевна фондација (за Кон другата земја); двапати ја има добиено и годишната награда на својот роден град Струмица. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (1986) и на Друштвото на независни писатели, како и на Здружението на писателите на Србија (1970). Од 2006 година живее во Македонија. Член е на МАНУ надвор од работниот состав (2003) и редовен член (2007). ДЕЛА: раскази: Чудна средба (Белград 1970, Скопје 2010), Убиј го зборливото куче (Белград 1973, Скопје 1988), Над троскотот облаци (Скопје 1974), Мирисот на земјата (Скопје 1984), Чудна средба/Над троскотот облаци (Скопје 1986); кратки прози: Меѓата на светот (Белград 1984, Скопје 1985), Парадоксален сон (Скопје 1987), Дрвото на Нарајана (Скопје 1998), Бегството и повторното Раѓање на зографот (Мелбурн, с. а.), Даровите на небото (Панчево 2007), Грабнувањето на Европа (2008); романи: Кула на Ридот (Белград 1980, Скопје 1981, 1999), Домот на Александар (Скопје 1992, Белград 2004, Скопје 2005), Кон другата земја (Скопје 1993, Битола, 2008), Времето на ирвасите (Скопје 2003, Софија 2010); есеи: Штркот единак и неговото јато (Скопје 2000), Чехов или Тајната на раскажувањето (Белград 2006), Родното место на литературата (Скопје 2008). Автор е на повеќе драми (Големиот Смок, Сенката, Пуста земја, Пат за Лихнидос, Мелница, Чудо големо и др.) изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги. Составувач е на антологијата Раскази за Белград I-II.
Се занимавал со преведување, а и самиот е преведуван. Застапен е во домашни и странски антологии.