Наполеон Хил
Наполеон Хил (1883–1970) е еминентен американски автор, приврзаник на таканареченото Движење на новото мислење (или Повозвишено мислење), чии религиозно-филозофски идеи се појавиле во втората половина на XIX век, во САД, а живеат и денес. Новото мислење ја промовира идејата дека Бесконечната интелигенција, или Бог, е насекаде, дека духот е севкупност на реалните нешта, дека вистинското човеково јас е божествено, божествената мисла е божја сила, дека болеста започнува во умот, а „правилното размислување“ има исцелувачки ефекти. Веројатно и воден од ваквата филозофско-религиозна мисла, Наполеон Хил станува еден од најраните „произведувачи“ на дела од новиот жанр литература за „самопош“ во постигнувањето личен успех. Денес Хил се смета за еден од најзначајните автори на книги наменети за постигнување успех на сите полиња од животот. Неговото најпознато дело, Мисли и збогати се, што го напишал во 1937 година, е една од најдобро продаваните книги на сите времиња. Бизнис вик магазин на својата листа бестселери во 2007 година ја рангира како шеста најдобро продавана бизнис-книга иако поминале 70 години откако прв пат била издадена. Делата на Наполеон Хил ја истражуваат моќта на личните убедувања и верувања и улогата што тие ја имаат за постигнување личен успех. „Она што човечкиот ум може да го замисли и да верува во тоа, тоа може и да го оствари“ е една од мислите – заштитен знак на Наполеон Хил. Современите предавачи по филозофија на успехот сѐ уште ги користат формулите за личен развој на Хил за проширување на знаењата на своите студенти.