niccolo-machiavelli

Николо Макијавели

Николо Макијавели (1469–1527) живее во периодот што секогаш сме наклонети да го нарекуваме доба на естетизмот, рафинираноста, лиризмот и сè друго што ја карактеризира пресветлата ренесансна уметност, заборавајќи дека тоа време ја има и својата опачина, своја темна страна изразена во мрачната политичка стварност, полна со насилство, злосторства и беспоштедни борби за власт. Италија во тоа време се уште претставува само географски поим, расцепкана на повеќе градови-држави со кои владеат одделни благороднички семејства. Особено се познати семејствата како Медичи во Фиренца, Сфорца во Милано, Есте во Ферара, Гонцага во Мантова или Монтефелтро во Урбино. Моќна и влијателна во ова време е и црквата на чело со папата, стремејќи се, покрај со духовната, да се здобие и со поголема световна власт, настојувајќи да приграби поголема територија и да придобие кон себе поголем број од актуелните владетели. Дополнителни неволи на Италија ѝ донесуваат и големиот број туѓински освојувања од страна на Франција,Шпанија и Германија, кои во тоа време веќе се силни, национални монархии и сите три посакуваат да завладеат со делови од разединетиот Апенински Полуостров. Идејата за обединување на Италија се уште е мошне далеку од своето остварување. Кај политичките моќници речиси не постои, а присутна е само во мислите, желбите и делата на поетите и уметниците. Потесната татковина на Макијавели е Фиренца, славната Фиренца од времето на ренесансата, во економска и културна смисла најразвиениот град во Италија, а веројатно и во цела тогашна Европа. Тоа е средината во која дејствуваат „Велиествениот“ Лоренцо, Полицијано, Леонардо, Пико дела Мирандола, Гвичардини и Савонарола. Во Фиренца, велат, луѓето речиси се раѓале учени. Макијавели стекнал солидно образование, иако никогаш не им припаѓал на круговите на високите интелектуалци, ниту важел за претерано голем ерудит. Значаен датум во неговиот живот е 1498 година, кога бил назначен за секретар на Фирентинската Република, на кое место останува цели 14 години. Неговата должност е да ја врши преписката на целокупниот јавен живот во Фиренца, да праќа пораки до странските владетели, кои честопати морал и лично да ги пренесува. На тој начин, преку многубројните патувања и средби со најважните личности од неговата епоха, Макијавели имал можност непосредно да се запознае со политичките прилики во Италија и во соседните земји, стекнувајќи притоа богато и драгоцено искуство за владетелите и нивните владетелства.

1 book by this author: