Норман Винсент Пил
Норман Винсент Пил е еден од најзначајните автори во областа на литературата за лично и духовно усовршување, творец на те- оријата за позитивно мислење изложена во неговиот бестселер „Моќта на позитивното мислење“, со кој се вбројува меѓу најчитаните автори во САД и светот.
Роден е на 31 мај 1898 година, во с. Бауерсвил, Охајо. Средно- то училиште го завршил во Белфаунтен, а во 1920 г. дипломирал на Универзитетот „Веслијан“. Теолошките студии ги продолжил на Универзитетот по теологија во Бостон, каде што дипломирал света теологија и магистрирал социјална етика во 1924 година.
Во 1922 г. станал служител на методистичката црква, но по десет години преминал во Реформаторската црква на Америка и следните педесет години работел како пастор во Мермерната колегијална црква во Њујорк. Во 1935 година ја започнал својата радиопрограма „Уметноста на живеењето“, која стекнала широка популарност и се емитувала цели 54 години. За да им помогне на членовите на црквата, особено во времето на Големата депре- сија, почнал да соработува со психијатарот Смајли Блантон, со кого ја формирале Религиозно-психијатриската клиника веднаш до црквата. Заедно пишувале и книги, од кои најпозната е „Вербата е одговорот“, напишана во наизменични поглавја. По Втората светска војна Пил почнал да го уредува и религиозното списа- ние „Гајдпостс“, кое било многу популарно во Америка.
Норман Винсент Пил бил активен сѐ до својата смрт, на 24 декември 1993 година. Цело време пишувал колумни, ја водел својата радиоемисија, издавал книги, работел за доброто на заедницата. Иако „Моќта на позитивното мислење“ (1952) наишла и на негативни критики, окарактеризирана дури и како „еретичка“, речиси прекуноќ станала бестселер на „Њујорк тајмс“ и останала на топ-листата цели 168 недели. За една деценија од неа биле продадени 5 милиони примероци на 14 јазици. Автор е на 46 книги, меѓу кои се истакнуваат „Новото искуство на животот“, „Позитивниот принцип денес“, „Грев, секс и самоконтрола“, „Ентузијазмот го менува светот“, „Можеш да победиш“, „Водич за самоуверен живот“, „Во верата е вистината“, „Можеш, ако мислиш дека можеш“, „Вистинската радост на позитивниот живот“, „Овој неверојатен век“ и други. Во својата долга и значајна кариера Пил добил многу награди и признанија, меѓу кои и Претседателскиот медал на слободата во 1984 година, кој му бил врачен од претседателот на САД Роналд Реган за неговиот придонес во областа на теологијата.