Осаму Дазаи
Осаму Дазаи (1909 – 1948) е еден од најпознатите јапонски раскажувачи кој се вбројува меѓу значајните книжевни фигури на 20 век. Неговите длабоки психолошки дела, кои се одликуваат со анализа и преиспитување на природата на човекот и општеството, ги носат во себе и западните тенденции, видени низ призмата на традиционалната источна култура.
Роден е под името Шуџи Цушима, како осмо преживеано дете на богат земјопоседник во Кангаи. Неговото семејство било образовано, па тој имал домашни воспитувачи и уште во детските денови се запознал со европската литература, со репродукции на делата на модерните сликари и скулптори. Во април 1923 година се запишал во средното училиште Аомори, а потоа студирал книжевност на Универзитетот Хиросаки. Во тоа време редактирал редица студентски написи и заедно со неколкумина свои пријатели го издавал списанието „Саибо бунге“ („Литературен кружок“).
Во 1933 година, објавувајќи го расказот „Воз“, првпат се потпишува со псевдонимот Осаму Дазаи. Тоа бил и негов прв обид да пишува во автобиографски стил, во прво лице еднина, што ќе стане негов препознатлив знак. Од истата година е и расказот „Сеќавање“, подоцна вклучен во збирката „Доцни години“ од 1936 г., која ќе биде номинирана за престижната награда „Акутагава“. Потоа ги објавува кратките романи „Трчај, Мелос!“ во 1940 г., „Новиот Хамлет“ во 1941 г., „Цугару“ во 1944 година.
По дотогашните четири неуспешни обиди за самоубиство, чувството на вина станува една од главните теми на неговото дело, која го обележува последниот период од неговото творештво. Тогаш ги пишува и делата кои се преведени и најпознати на Запад: „Сонце на заоѓање“ и „Сè помалку човек“, и двете од жанрот автобиографска фикција која го буди интересот за неговиот личен живот.
Разочарувањата на факултетот што не успеал да го заврши, несреќите и апсењето поради членството во забранетата Комунистичка партија, неуспешните љубовни врски и самата тежина на времето во кое Дазаи живеел, резултирале со извонредни дела кои се поблиску до творештвото на Достоевски и Пруст отколку до авторите од јапонската книжевна традиција.
„Сè помалку човек“ е последниот роман што Дазаи успеал да го заврши во текот на својот живот, во времето кога веќе бил тешко болен од туберкулоза. Посветен на агонијата на отуѓениот човек, тој ги претставува сите негови идеи, разочараноста од личниот живот и од промените во општеството, како и отуѓеноста од остатокот на светот. Сето тоа е умешно сумирано во главниот лик, кој верува дека не заслужува да биде сметан за човек. Наскоро по завршувањето на романот, на 13 јуни 1948 година, се самоубил заедно со Томие Јамазаки, жената со која ја поминал последната година од својот живот. Нивните тела биле пронајдени во реката дури после шест дена, на 39. роденден на Дазаи.