Паоло Џордано
Паоло Џордано е роден во 1982 година во Торино, Италија. Дипломирал физика на Универзитетот во Торино, а на истиот универзитет и докторирал во областа теориска физика во 2010 година. Со пишување почнува да се занимава од разонода и по неколку објавени раскази, во 2008 година му излегува првиот роман, Осаменоста на простите броеви. Романот станува најпродаваната книга во Италија за 2008 година, за која авторот добива многубројни книжевни награди. Со своите тогашни 26 години, Џордано е најмладиот автор кому му е доделено најпрестижното италијанско книжевно признание „Стрега“. Романот е преведен и издаден во над четириесет земји во светот, а филмуван е во 2010 година, во режија на Саверио Костанцо. По посетата на една италијанска истурена оперативна база во Авганистан, Џордано во 2012 година го објавува својот втор роман, Човековото тело. Во мај 2014 година излегува и романот Црно и сребрено. Покрај белетристика, Џордано пишува и стручни текстови од областа на физиката.