patrick-suskind

Патрик Зискинд

Патрик Зискинд е германски писател и филмски сценарист. Роден е во 1949 година, во Амбах, во близина на Минхен, во угледното семејство на познатиот новинар и писател Вилхелм Емануел Зискинд. Стекнал музичко образование, студирал средновековна и модерна историја на Универзитетот во Минхен, како и на Екс ан Прованс во Франција. Сменил многу професии – работел во Одделот за патенти на „Сименс“, како тренер по пинг-понг... По настојување на родителите, заминал за Париз и почнал да се занимава со пишување. Но долго време никој не му ги објавувал кратките раскази и никој не сакал да снима според неговите сценарија. Успехот дошол во 1980 година, со пиесата Контрабас, со која станува меѓународно познат. Првиот свој роман Парфем го објавува во 1985 година. Тој е распродаден во над 20 милиони примероци и девет години е на листата на бестселери на Шпигел. Во 1996 година Њујорк тајмс го прогласува за роман на годината. Инаку, по Втората светска војна само два германски романа го имаат добиено ова признание, Читачот на Бернхард Шлинк и Чамецот на Лотар-Гинтер Бухајм. Парфем досега е преведен на педесетина светски јазици, а во 2006 година беше и филмуван, од Бернд Ајхингер. Зискинд е автор и на романите Литературна амнезија (1986), Гулабот (1987), Приказна за господин Зомер (1991), Три приказни и рефлексија (1996), како и збирката есеи За љубовта и за смртта (2006). Живее во Минхен. Во последните 20 години нема дадено ниту едно интервју, а на јавноста ѝ се познати само три негови фотографии. Најмногу за неговиот живот се знае од говорите на неговите универзитетски професори.

1 book by this author: