pearl-s-buck

Перл Бак

Перл Бак (1892, Хилсборо, Западна Вирџинија–1973, Денби, Вермонт) е позната американска писателка, преведувачка, учителка и активистка. Детството го поминала во Кина, каде што нејзините родители, мисионери на презвитеријанската црква, работеле голем дел од својот живот. Образованието го стекнала во САД, а по магистрирањето повторно се вратила во Кина, каде што го запознала својот сопруг, младиот економист Џон Лосинг Бак. Стапуваат во брак во 1917 г. и веднаш се преселуват во провинцијата Ангвеи. Оваа сиромашна средина е местото од каде што Перл Бак ја црпи инспирацијата за својот прочуен роман Добра земја. Објавен во 1931 година, Добра земја останува на листата бестселери 21 месец, подолго од кој и да е роман во период од 35 години. Бил преведен на над 30 јазици, вклучувајќи седум дијалекти на кинескиот, а се појавиле и толку многу пиратски изданија што вкупниот број продадени примероци никогаш нема да се дознае. Критиките биле восхитувачки. Романот бил приспособен и за театарската сцена и за филмското платно. „Јасно е дека романот Добра земја мора да биде запаметен и почитуван како голем роман на светската депресија“, напишал Карл ван Дорен, убедливо најпочитуваниот литературен критичар на своето време. „Тоа е универзална приказна раскажана со музиката на еден животен стил што ја прави универзално дело.“ Во 1932 година Перл Бак ја добива Пулицеровата награда за белетристика. Нобеловата награда (1938) е најистакнатата почест доделена на Добра земја, но всушност, Пулицеровата награда нe води во срцето на романот. Наградата Пулицер за белетристика обично се доделувала на дело што ја велича „севкупната атмосфера на американскиот живот“. Сепак, Добра земја е поставена во рурална, во најголем дел предреволуционерна Кина, и сите нејзини ликови се Кинези. До 1931 година британските и американските читатели гледале на Кинезите како на комични ликови или застрашувачки суштества од опиумските дувла; од нив никогаш не било побарано да се заинтересираат за неволите и страдањата на кинеските селани. И навистина, еден британски издавач одбил да ја издаде книгата со образложение дека од читателите од англиското говорно подрачје не може да се очекува да читаат книги за Кина.

1 книга од овој автор: