Рејчел Каск
Рејчел Каск (1967) е британска писателка. Родена е во Канада, но кога имала осум години нејзиното семејство се вратило во Англија. Студирала англиски јазик на Њу колеџ, Оксфорд. Има напишано осум романи и три мемоари. За Спасувањето на Агнес (1993) ја добила наградата „Витбред“ за дебитантски роман, а неговите теми – феминизмот и општествена сатира, остануваат централни во нејзиното творештво и во наредната деценија. За својот роман Провинциски живот (1997) ја добила британската книжевна награда „Сомерсет Мом“. Во 2003 година е вбројана во листата дваесет „Најдобри млади британски писатели“ на реномираното книжевно списание Гранта. А мемоарите Животно дело (2001) и Последици (2012), во кои бескомпромисно пишува за мајчинството и разводот, се сметаат за пионерски во книжевноста и исто толку контроверзни во јавноста. Романот Контури (2014), првото дело од предвидената трилогија, е усилба на Каск да развие една нова раскажувачка форма за личното искуство, избегнувајќи ги политиката на субјективноста и буквализмот, а наедно ослободена од стегите на раскажувачките норми. Наиде на огромни пофалби од страна на книжевните критичари и влезе во најтесен избор за неколку од најпрестижните книжевни признанија.