rade-serbedzija

Раде Шербеџија

Раде Шербеџија дипломирал глума на Академијата во Загреб. Уште во текот на студиите почнал да игра главни улоги во филмови и во театарски продукции. Неговите интерпретации на Пер Гинт, Дон Жуан, Георги, Мелкиор, Едип, Хамлет, Леоне, Крал Лир и Ричард III се неповторливи актерски остварувања. Напишал и објавил пет книги поезија, две автобиографски книги и дванаесет носачи на звук. Потпишува и дванаесет авторски театарски режии (Баладите на Петрица Керемпух, Велат дека бувот некогаш бил ќерка на пекар, Јудита, Хрватскиот славеј, Плеј Бекет...). Снимил над сто домашни филмови (Црвено класје, Мирисот на телото, Хајка, Вечерни ѕвона, Браво Маестро, Вариола Вера, Уна, Усвитување, Животот е убав, Киклоп, Враќање, Изборот на Хорват, Сон за розата, Контесата Дора, 72 дена...), играл главни улоги во многу телевизиски серии (Сам човек, Во регистратурата, Просјаци и синови, Бомбашки процес, Никола Тесла, Патување во Вучјак...). Со Ванеса Редгрејв покренува театар во кој ги поставуваат Брехт во егзил, Ослободувањето на Скопје, Чад, Операта Сараево. Активно учествува во миротворни и добротворни настани. Се свртува кон филмот и по светскиот успех на филмот на Милчо Манчевски Пред дождот, добива ангажмани од П. Нојс, Џ. Ву, С. Кјубрик, К. Иствуд и други. Ги снима Светец, Ла Трегва, Прашки дует, Не знам англиски, Очи широко затворени, Полска венчавка, Стигмата, Моќниот Џо Јанг, Иларија Алпи, Невозможна мисија II, Вселенски каубои, Снеч, Фуџитив писис, Битката во Сиетл, Карантин, Jaс сум Ли, Во земјата на крвта и медот, а глуми и во серии како што се: 24, CSI: Мајами, Даунтонска опатија... Глуми со Ванеса Редгрејв, Шарлиз Терон, Елизабет Шу, Џон Туртуро, Том Круз, Глен Клоуз, Вал Килмер, Ралф Фајнс, Морган Фримен, Меги Смит... Еден од основачите на Театар Улис и основач и доцент на Студиото за глума и медиуми на Универзитетот во Ријека. Добитник е на голем број актерски награди и признанија, дома и во странство.

1 книга од овој автор: