Реј Бредбери
Реј Бредбери (1920–2012) е американски раскажувач, романсиер, сценарист, есеист и поет, автор на над 50 книги од најразлични жанрови, од научна фантастика до мистерија. Во 2009 г. ќе рече за себе: „Отсекогаш бев хибриден автор“. Иако го сметаат за бард на научната фантастика, тој самиот мислел дека единствено Фаренхајт 451 е научнофантастичен роман заснован врз реалноста, додека повеќето од неговите други дела се фантазија. Не го завршил колеџот и почнал да се издржува со продавање на дневни весници. Се дообразувал во библиотеките, каде што ја открил и засакал научната фантастика. Наскоро и самиот почнува да пишува и да ги објавува своите раскази во списанијата. Во 1947 г. ја објавува првата збирка раскази, Темен карневал. Поголем успех постигнува во 1950 година, со збирката Марсовски хроники, во кои ја пренесува интересната приказна за колонизирање на Марс од страна на Земјаните. Други познати дела му се: збирките раскази Лек против меланхолија, Илустрираниот човек, Сончевите златни јаболка, Побрзо од окото и др.; романите Вино од глуварчиња, Нешто чудно нè привлекува, Гробишта за лудаци, Зелени сенки, Бел кит, Дојдено од вселената итн. Многу од делата на Бредбери се адаптирани во филмови, вклучувајќи ја и класиката Фаренхајт 451. Продал околу осум милиони примероци од своите книги што се преведени на 36 светски јазици. Според повеќето книжевни критичари, Бредбери е еден од најзаслужните автори за влегувањето на научната фантастика како жанр во литературата. Неговото име секогаш е на врвот на листата на најзначајните научнофантастични автори на ХХ век, покрај Исак Асимов, Артур Кларк, Роберт Хејнлејн и Станислав Лем. Пишувал и мјузикли и работел на филмски сценарија – за Моби Дик и Кралот на кралевите, а пишувал и за првата сезона на Зона на самракот. Ги има добиено Светската награда за фанатазија, Стокеровата награда, како и специјалната Пулицерова награда, во 2007 година