Ричард Бах
Ричард Бах е американски романсиер и авијатичар. Роден е на 23 јуни 1936 година, во Оук Парк, Илиноис. По мајчина линија е директен потомок на познатиот германски композитор Јохан Себастијан Бах. Во 1959 година дипломирал на Калифорнискиот Универзитет во Лонг Бич. Летањето му е хоби уште од седумнаесетгодишна возраст. Во Армијата на САД е дел од авијацијата, а по излегувањето од неа работи како пилот-каскадер и инструктор. Огромната љубов кон летањето ја пренесува и во своите книжевни дела. Во нив ја изнесува филозофијата дека физичките ограничувања и смртноста на човечките суштества се обична илузија. Во 1970 година го издава краткиот роман Галебот Џонатан Ливингстон, кој набрзо е преведен на многу јазици и станува меѓународен бестселер. Следуваат романите Лет над облаците, Илузии, Нема толку далечно место, Мост преку вечноста, Единствената, Бегство од сигурноста, Живот под хипноза и други.