Роберт Киосаки
Роберт Т. Киосаки „Основната причина за финансиските проблеми што ги Мачат луѓето е тоа што со години се школуваат, но не научуваат ништо за парите. Резултат на школувањето е што научуваат да работат за пари... но никогаш не научуваат како да ги натераат парите да работат за нив“, вели Роберт. Роден и пораснат на Хаваите, Роберт е четврта генерација Американци од јапонско потекло. Потекнува од семејство на угледни просветни работници. Неговиот татко раководел со Секретаријатот за образование на Сојузната држава Хаваи. По средното училиште, Роберт се школувал во Њујорк, а по дипломирањето се пријавува во Поморско-десантните сили на САД и како пилот-маринец заминува во Виетнам, каде што служи како офицер и пилот на воен хеликоптер. По враќањето од војната, Роберт ја почнува својата кариера во бизнисот. Во 1977 година основа компанија која прва на пазарот исфрла „сурферски“ паричници од најлон и со специјална лента наместо патент, што прераснаа во светски познат производ продаван во мултимилионска вредност. Тој и неговиот производ се појавуваат во најеминентните американски и светски списанија. Напуштајќи го светот на бизнисот, во 1986 година станува соосновач на меѓународна едукативна компанија која работи во седум земји, и на десетици илјади слушатели, посетители на неговите семинари, им држи предавања на темите бизнис и инвестиции.