robert-musil

Роберт Музил

Роберт Матијас Музил е роден на 6-ти ноември 1880 година во Клагенфурт, Австрија, четири години пред раѓањето и прераната смрт на неговата сестра Елза (таа умира на неполни единаесет месеци, а Музил во подоцнежните години често се прашувал каква улога во неговиот живот би имала неговата сестра). Неговиот татко е Алфред фон Музил (роден во Темишвар), потомок на стара австриска чиновничка, високо образована и офицерска фамилија, долги години редовен професор на Техничкиот факултет во Брно, советник на кралскиот и царски двор, советник во судот за Патенти, а подоцна добил и благородничка титула. Дедото на Музил од таткова страна бил лекар, дел од почитувана група во општеството кој по пензионирањето живеел на село; додека дедото по мајка бил Германец од Чешка, еден од четворицата градители на првата континентална железница Linz-Busweis, а потоа и нејзин раководител. Многу од неговите роднини се наоѓале на високи позиции во државната и воена служба. Музил бил љубопитно дете чие однесување, според зборовите на неговата мајка, морало да се скроти во Воената академија, додека неговиот татко посакувал тој да стане офицер од многу попрагматични причини - за да си обезбеди плата и високо место во општеството. Па така, охрабрен од своето семејство, Музил заминува во кадетското училиште во Железниот град (Eisenstadt). Таму за брзо време неговите стекнати општествени заблуди се распрснуваат како меур од сапуница. Тој навистина станува кадет, но само по две години одеднаш ја напушта Воената академија во Виена, каде требало да ја започне својата офицерска кариера. Во неговиот дневник за годините во кадетското училиште, или „дувлото на ѓаволот“, се сеќава на еден авторитативно-казнен режим кој учениците ги третира како затвореници осудени за извршени тешки кривични дела. Плашејќи се дека без познавање и разбирање на човековата природа и дух нема да може да формулира специфична поетска мисла, во 1903 година решава да се запише на студии по филозофија во Берлин, каде на денес познатиот Хумболтов универзитет специјализира во областа на логиката и експерименталната психологија кај професорот Карл Штумф. Докторската дисертација ја посветува на делото на Ернст Мах. Во истиот период ја одбива можноста за хабилитација, некое време работи како практикант и библиотекар на Техничкиот универзитет во Виена, уредник е на Die neue Rundschau, офицер на италијанскиот фронт, а на крајот станува и капетан. Бил вклучен со посебна книжевна задача во Министерството за надворешни работи, а како стручен советник и во Министерството за одбрана. За време на инфлацијата го загубил сиот свој имот. По 1933 година од Германија се враќа во Виена, па заминува во Швајцарија (поради еврејското потекло на неговата сопруга Марта Марковалди), каде и умира на 15-ти април 1942 година од мозочен удар. Поголемиот дел од својот живот го посветил на пишување на романот Човек без својства. Други негови позначајни дела се Соединувања, Три жени, Заблудите на младиот Терлес и многубројни есеи објавени во Die neue Rundschau, Neuer Merkur, Summa, Panu итн.

2 книги од овој автор: