Сила Јакерт
Современата шведска писателка Сила Јакерт (Cilla Jackert) е родена во 1968 година, во Стокхолм. Пораснала во Скондал, како што самата вели, „во дремлива област на средната класа“, надвор од Стокхолм. Нејзината мајка Ева повеќе сакала да напредува во кариерата отколку да се грижи за мало бебе. Помеѓу менувањето пелени и шишенцата со млеко, започнала да пишува раскази за повеќе списанија. Тоа постојано чукање, прво на рачна машина за пишување, а подоцна и на електрична, траело во текот на целото детство на Сила. За неа било примамливо да седи таму кај мајка си и „да патува во други времиња, во други светови, меѓу други луѓе“. Средното образование го завршила во Остермалм во Стокхолм, во гимназијата „Остра реал“. Според нејзиниот дедо, таму учеле само „деца од благородништвото, деца на милионери и самата Сила“. Оценките не ѝ биле импресивни, но продолжила да студира на Универзитетот во Стокхолм, меѓу другото, и општествени науки и историја. За да може да си ги плати студиите работела како рецепционер во ТВ 4, но брзо станала помошничка на заменик-директорот на програмата на каналот, како и уредник на интерниот весник. Тука започнува и со пишување, најнапред со сценарио за неколку епизоди на популарната серија Три круни. Во 2013 година ја добива наградата „Чатал“ на Сојузот на писателите на Шведска за својата дебитантска книга Денешни катастрофи. Во 2014 година ја објавува книгата за деца Се гледаме во Опсан. Во едно интервју Јакерт вели дека дејството во романот се одигрува во 1982 година, во едно време кога во централните делови на шведската престолнина Стокхолм, како што нагласува авторката, деца можеле да поминат цел ден надвор. На тој начин, Се гледаме во Опсан може да се смета и за своевиден автобиографски роман.