Штефани Штал
Штефани Штал (1963) е германски психолог и автор, позната по неколку успешни бестселери. Растела во либерална средина во Хамбург, а откако се преселила во Трир, од 1993 година започнала да работи како психотерапевт. Љубовта кон психологијата ја добила од својата мајка, која исто така се занимавала со психотерапија. Штал ужива да размислува за односите меѓу луѓето, да чита специјализирана литература и да ја приспособува за индивидуалните ситуации во кои се наоѓаат нејзините клиенти. Затоа наративите на Штал се комбинација од психологијата како наука и нејзините сопствени иновативни пристапи кон неа. Нејзиното мото секогаш е: „Мора да ја слушнете другата страна“. Штал потесно се занимава со (повторното) градење на самодовербата, јакнењето на чувството за сопствената вредност, фобиите, начинот на кој се манифестира стравот од посветеност и односите меѓу партнерите. Во нејзината позната книга И да и не! го илустрира стравот од посветеноста, ги посочува можните причини за тоа и советува како да се надмине фобијата. Книгата Животот може да биде и едноставен е прирачник за тоа како да бидеме среќни. Таа содржи упатства како правилно да се процениме себеси и останатите, бидејќи на тој начин ќе ја дофатиме среќата, која е индивидуална. Детето во тебе мора да си го најде својот дом е нејзина најуспешна книга која долго време опстојува на листите на најпродавани книги во Германија и пошироко во Европа. Токму поради успешниот начин на кој книжевно ја сумира психологијата, не како наука составена од правила туку како субјективна перцепција, таа ужива голема популарност и кај публиката и кај медиумите, кои постојано се повикуваат на нејзиното стручно мислење на различни теми.