susanna-clarke

Сузан Кларк

Сузана Мери Кларк е родена на 1 ноември 1959 година, во Нотингам, Англија, како најстара ќерка на методистички свештеник. Со оглед на позицијата на татко си, детството го поминала во различни градови низ Северна Англија и Шкотска, дружејќи се и уживајќи во делата на сер Артур Конан Дојл, Чарлс Дикенс и Џејн Остин. Студирала филозофија, политика и економија на колеџот „Св. Хилда“, Оксфорд. Потоа осум години работела во издавачките куќи „Гордон Фрејзер“ и „Куатро букс“, па две години предавала англиски јазик во Торино (Италија) и Билбао (Шпанија) пред да стане уредник кај издавачот „Симон и Шустер“ на Кембриџ, работејќи на едицијата Книги за кулинарството. Во 2004 година го објавила својот прв роман Џонатан Стрејнџ и г. Норел, за кој ги добила наградите „Хуго“ за најдобар роман, „Локус“ за најдобар дебитантски роман, Наградата за најдобар роман на весникот Тајмс и Светската награда за најдобар фантастичен роман. Работата на овој роман ја почнала уште во 1993 година, пишувајќи го во слободното време. Цела деценија објавувала кратки раскази од светот на Стрејнџ, но дури во 2003 година „Блумзбери“ го купил ракописот и почнал да работи на неговото издавање. Романот станал бестселер. Две години подоцна ја објавила збирката раскази Дамите од Грејс Адје и други приказни (The Ladies of Grace Adieu and Other Stories). Дејството и на романот и на расказите е сместено во магичната Англија, а напишани се со мешавина од стиловите на писателите од 19 век. Додека нејзиниот прв роман се фокусира на врската меѓу двајца мажи, Џонатан Стрејџ и Гилберт Норел, приказните во Дамите се фокусираат на моќта на жените добиена преку магијата. Таа е авторка на седум збирки раскази и романи, а застапена е и во неколку антологии во САД.

1 book by this author: