vesna-petrushevska

Весна Петрушевска

Весна Петрушевска е родена во 1970 година. Истата година кога Тито доаѓа во Македонија да го прими признанието прв почесен член на МАНУ. ЦИА во меѓувреме ќе го најави распадот на СФРЈ, а кошаркарите стануваат светски прваци. Вкупно 175.000 Македонци емигрираат во Австралија. Перу ќе го стресе земјотрес кој ќе однесе 20.000 жртви. Во април Пол Макартни ќе го објави крајот на Битлси. Елвис Присли се сретна со Никсон во Белата куќа. На музичката сцена се појавуваат Рамонс. Тоа е таа година кога на свет доаѓа Весна, подоцна во народот позната како Бејби. Втора ќерка на младите родители Кирил и Сашка. Се раѓа со многу голема температура и како последица на тоа со години во детството има страбизам, а во подоцнежните години ќе ги збунува своите соговорници зашто никогаш не се докрај сигурни дали гледа во нив или онаму. Во текот на целото свое образование постигнува највисоки оценки, се стекнува со диплома на ФДУ, значајна институција за образование на актери, режисери, драматурзи и други слични профили. Првата желба ѝ била да биде балерина, но за среќа, тоа не се остварило и веќе на 6-годишна возраст знае дека сака да биде глумица, без разлика на сите последици. Во својот живот има одиграно околу 70 улоги, уредно е вработена во МНТ од 1993 година, 10 години е автор и водител на познатото шоу Вртелешка. Добитник на многу награди кои, патем, никогаш не ги споменува, важи за лик што го игра она што вистински ќе го посака. Во својата кариера има дури две монодрами (од кругови блиски на Весна дознаваме дека тоа е последица од многу зборување сама со себе од најраната возраст). Сака да истражува најразлични сценски жанрови, па ќе почне да настапува и како стендап комичар, од мака и од пуста желба да насмее некој кога е таа проклето тажна. Мајка е на Кирил и Мина, исклучителен борец за правата на животните, сопственик на три кучиња – Ума, Аби и Хана. Редовно чисти, пере, пегла. Многу сака да пее, да плаче, да се смее. Верува во љубовта и тврди дека може да ја сретнеш и кога се сопнуваш по некои скали. Не верува во пензиски фонд и други пензионерски будалштини. Весна нема да се пензионира дури и кога ќе умре. Таа ќе е тука, сакале вие или не.

1 книга од овој автор: