Јувал Ноа Харари
Јувал Ноа Харари (1976) е израелски историчар и писател пораснат во секуларно еврејско семејство во Хаифа, Израел. Студирал средновековна и воена историја на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, а докторирал на Исусовиот колеџ при Универзитетот во Оксфорд. Од 2003 до 2005 г. посетувал постдокторски студии по историја како стипендист на Фондацијата Јад Ханадив. Работи како професор на Историскиот факултет при Еврејскиот универзитет во Ерусалим и држи редовни предавања низ светот за темите што ги обработува во своите дела. Пишува за Гардијан, Фајненшал тајмс, Тајмс, Волстрит џурнал и други светски списанија. Има објавено голем број статии: Специјалните операции во времето на витештвото 1100 – 1550; Кулминација: откритијата на бојното поле и создавањето на модерната воена култура, 1450 – 2000; Решавачките битки како поим во светската историја; Фотелји, кафе и авторитет: сведоштва и лични искуства за војната, 1100 – 2000 итн. Неговата книга Сапиенс: кратка историја на човечкиот род беше објавена во 2011 г., а во 2014 г. излезе и на англиски јазик. Остана на листата на најпродавани книги на Сандеј тајмс повеќе од шест месеци, а се најде и меѓу најдобрите десет книги на Њујорк тајмс. Оттогаш е преведена на 50-тина јазици и продадена е во над осум милиони примероци. Сапиенс ја препорачаа и Барак Обама, Бил Гејтс и Марк Закерберг. Во 2016 година ја објави Хомо деус: кратка историја на иднината, во која ги разгледува големите проекти со кои ќе се соочи човештвото во 21 век. За помалку од две години книгата беше преведена на 50 јазици и продадена во четири милиони примероци. Во 2017 година Хомо деус ја освои германската награда Ханделсблат за „најпромислена и највлијателна книга на годината“, а во 2019 година беше прогласена за „Mудра книга на годината“ од Јагелонскиот универзитет во Краков. Во 2018 година Јувал Ноа Харари ја објави 21 лекција за 21 век. За помалку од 18 месеци книгата беше продадена во 3 милиони примероци и преведена на повеќе од 40 јазици во првата година од објавувањето. Во 2019 година беше прогласена за „Книга на знаење на годината“ од германското списание Билд дер висеншафт, а Сапиенс ја освои наг386 радата „Академска книга на годината“ како дел од Наградите за академско издаваштво во Обединетото Кралство. Харари двапати ја има добиено наградата Полонски за креативност и оригиналност, во 2009 и во 2012 г., наградата Монкадо за 2011 г. на Здружението за воена историја и други. Од 2012 г. е член на Израелската младинска академија на науките. Во 2019 година, заедно со Ицик Јахав, ја основаат Сапиеншип: организација чија мисија е да ги разјасни глобалните теми, да го насочи вниманието кон најважните предизвици и да ја поддржи потрагата по решенија.__