Краток опис
Ако Големиот Смок е поблизок до фарсата, со сосема јасна метафора во основната инспирација, ако Сенката е поблиску до гротескна парабола во која има многу навестувања, кодирани значења, луцидни поткажувања и апсурдни ситуации со сериозна трагичарска артикулација, што често се транспонира во иреалното, во фантастичното, тогаш третиот текст, Пуста земја, ја дополнува и ја завршува оваа превртена дантеовска, или дури библиска слика на вкупниот живот на Универзумот „овде“ и Универзумот „отаде животот“. Така трилогијата на Маџунков Вечна игра се заокружува во една иста драма на човековата свест. Во својот интегрален вид таа е роман-дијалог со универзални пораки. Прекршена низ призмата на таканаречената драма на апсурдот, трилогијата на Маџунков постепено, од сцена во сцена, прераснува во сложен вид драмска фантазија, а оттаму во трагична гротеска, при што асоцијацијата на конкретниот провинциски менталитет и конкретното време преминуваат во поширока книжевна метафора.
Во делото на Маџунков овој сон на јунаците за сопственото вчера, за сегашнината и за иднината – е препознатлив коментар со алузија на нашево време и длабоката морална криза низ која пред нашиве очи минат сета наша земја и сите нејзини луѓе. Но и овој впечаток, можеби, треба да се прошири: мешањето и поистоветувањето на животот и сонот, реалното и „задгробното“, потоа онаа животоподобна индивидуализација на главните протагонисти, потчинети на својот словенски фатализам и јаловиот интелект на провинцијалниот дух, заедно со отвореноста кон експериментот на Маџунков – сето тоа оваа обемна трилогија ја ситуира во оној тип книжевни дела што со своето латентно значење ги менуваат, ги поместуваат дотогашните репери на книжевната карта на Македонија.
Томе Арсовски